Запалил петарда што ја нашол на улица, па малолетник во Загреб заврши во болница со тешки повреди.

Со запалка активирал пиротехничко средство, најверојатно фрлено, соопшти хрватската полиција, повикувајќи ги родителите да ги предупредат децата за опасноста од пиротехнички средства.

Хрватска тв „Нова“ објави дека се работи за 14-годишно момче кое на улица пронашло петарда и ја запалило со запалка.

„Тешки физички повреди, значи се работи за повреда на десното око со губење на видот, добил и повеќе изгореници на лицето и двете раце, како и повеќекратни изгореници на левата рака“, изјави Марио Куртањек, детски хирург на Клиниката за детски болести во Загреб.

Поради ваквите случаи, петардите од секаков вид таму се целосно забранети во последните три години.