Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје до судијата за деца при Основниот кривичен суд – Скопје поднесе Барање за поведување подготвителна постапка против дете во судир со законот родено 2009 година, за кое постои основано сомнение дека извршило дејствија кои со закон се предвидени како кривично дело – Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Истовремено, побара и мерка притвор за 15-годишникот.

На 25 октомври, детето заедно со други непознати лица, почнале разговор со малолетник, но набрзо потоа без особен повод започнале да го удираат со тврди предмети. Детето насилник, за кое се бара притвор, извадило нож и ја прободело жртвата во натколеницата, соопшти ОЈО Скопје.

„На 13 ноември, во автобус на ЈСП ‘Скопје’, тој во група со уште три непознати лица, извршил грубо насилство и нанел телесна повреда – убоди со нож во главата на 15-годишник, со што кај останатите патници предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв”, вели ОЈО Скопје.

Расте насилството од деца врз деца и малолетници во Скопје. Од досега расчистените бројни случаи оваа година, може да се заклучи дека насилствата и вооружените напади од деца беа за ограбување, најчесто пари и мобилни телефони од жртвите, нивни врсници.

Во овој случај, за кој деновиве соопшти Скопското обвинителство, не се работи за грабеж, туку за насилство со бодење со нож.