Умре девојката која беше повредена во пожар при експлозијата во магацинот за пиротехника во близина на бугарскиот град Елин Пелин, недалеку од Софија, јавија бугарските медиуми.

Екплозијата се случи во четвртокот, а тогаш почина нејзиниот 49-годишен татко. Две лица се уште се водат како исчезнати. Пристапот до магацините и понатаму е невозможен.

Девојката имала 20 години и како што информира од болницата Пирогов, и покрај укажаната лекарска помош, девојчето кое имало изгореници на 85 отсто од телото, им подлегнало на повредите.

„Вечерва душата на Криси отиде кај нејзиниот татко“ …вака почнува емотивното издание на мајката на 20-годишната Кристина Шишкова, која и покрај напорите на лекарите почина во „Пирогов“. Ден претходно почина нејзиниот татко – професорот на рударско-геолошкиот универзитет. И двајцата имале тешки повреди. Кобната вечер тие биле заедно со уште еден 60-годишен маж и 22-годишниот син на сопственикот на магацинот кој експлодирал.

Ситуацијата во селото Гара Елин Пелин е значително помирна, пишува бугарскиот портал Новини. Веќе вчера луѓето се вратија во своите домови. Во моментов не се слушаат експлозии.