Судот на Алјаска ја осуди Денали Бремер (23) на 99 години затвор за убиството на тинејџерката Синтија Хофман во 2019 година.

Според судските документи, Бремер, која тогаш имала 18 години, на интернет го запознала тогаш 21-годишниот Дарин Шилмилер од Индијана, кој се претставувал како милионер. Во неговите контакти со Бремер, тој ѝ понудил 9 милиони долари или повеќе за силување и убиство и ја замолил да му испрати фотографии и видеа од убиството. Тој не го навел името на жртвата.

Бремер и пријателката на која ѝ понудила дел од заработката, Каден Мекинтош, тогаш 16-годишна, наводно ја измамиле Синтија да планинари, при што ја застрелале во задниот дел од главата, а потоа ѝ го фрлиле телото во реката. Нејзиното тело го пронашла полицијата еден ден откако била пријавена за исчезната, пишува CBS.

Бремер се изјаснила за виновна за убиство на почетокот на нејзиното судење минатиот февруари, откако биле отфрлени обвиненијата за заговор, поттикнување на убиство, манипулација со докази и убиство од втор степен.

За максималната казна што судот ѝ ја изрече, придонесе и тоа што осомничената заедно со Шилмилер принудувала малолетничка да ја фотографира во сексуално експлицитни сцени. И двајцата се изјасниле за виновни по тие обвиненија.

Судијата го нарече убиството на Хофман „трагично и бесмислено“ и додаде дека Бремер не покажала каење по убиството бидејќи продолжила да учествува во другите криминални барања на Шилмилер.

Во јануари оваа година, и Шилмилер е осуден на 99 години затвор за учество во убиството, додека судењето на третиот учесник во нарачаните убиства, Кејлеб Лејланд, кој се изјаснил за виновен за едно убиство од втор степен, е закажано за јуни.

Судењето на Мекинтош се уште е во тек.