Лични мотиви стојат зад лажната вест дека исчезна бебе од Детската во Скопје, настан кој вчера во полиција го пријави скопјанка. Утврдено е дека пријавата е невистинита, а бебето воопшто не постои, објавува телевизија ТЕЛМА.

Жената го лажела својот невенчан сопруг дека на 11 јули родила машко дете, кое поради здравствени проблеми е задржано на Клиниката за лекување, а таа наводно во повеќе наврати сама го посетувала, соопшти обвинителството.

Но, кога партнерот побарал да го види детето, за да не биде откриена нејзината лага, пријавила дека бебето од Детската клиника е одземено од непознати лица. Жената кривично ќе одговора за лажно пријавување, а јавниот обвинител бара да и се одземе пасошот и да и се забрани да го напушата домот.

„На 23 ноември, на иницијатива на нејзиниот невенчан сопруг, отишле најпрвин на Клиниката за детски болести каде наводно било хоспитализирано детето во тој момент. Таткото побарал да го види бебето, но биле известени дека такво бебе не било примено и донесено на лекување на клиниката. Потоа отишле на ГАК, каде по направените проверки во системите биле известени дека во текот на 2023 година осомничената воопшто не била примена ниту породена на таа клиника. Со преземените дејствија беше утврдено дека осомничената го довела во заблуда нејзиниот партнер и лажно пријавила дека нејзиното новородено дете исчезнало“, информираат од ЈОРМ.