Го нема детскиот џагор во основното училиште „Визбегово“. Населбата доби ново училиште, но кадар допрва ќе се бара. Иако нивните врсници веќе напредуваат во материјалот, децата од оваа населба седат дома. Родителите и ученици од Визбегово одлучија револтот да го изразат на мирен протест пред основното училиште. Училиштето е ново и модерно, требаше да започне со работа оваа година, но иако во него се запишани повеќе од 250 ученици од прво до петто одделение вратите за нив се заклучени.
„Долго време го чекавме отворањето на ова училиште кое веќе е завршено и целосно готово за употреба, но сепак вратите остануваат затворени. Денес јавно се обраќаме до МОН и градоначалникот на Општина Бутел со едноставно прашање кога ќе ги отворите вратите на училиштето?“, прашува жител на општина Бутел.
Градоначалникот на Општина Бутел вели дека морале првично да почекаат да се направи ребаланс на буџетот, а потоа да се добие согласности од Министерството за образование и Министерството за финансии. Објаснува дека одобрението е добиено во текот на вчерашниот ден и веќе денес е распишан оглас за вработување.
„Три работни дена трае огласот и до вторник треба веќе да заврши, а до крајот на следната недела треба да почне и наставата. Во оваа прилика би апелирал до сите оние кои ги исполнуваат критериумите за вработување да аплицираат на отворените огласи се со цел комисијата да избере што поквалитетен кадар за работа“, изјави Дарко Костовски, градоначалник на Општина Бутел.
Новото основно училиште за првпат требаше да почне со работа на први септември, но поради немање наставен кадар неговиот почеток се одложи. Институциите меѓусебно си ја префрла вината, а учениците не одеа на часови. Надлежните ветија брзо решавање на проблемот, а родителите се заканија дека ќе продолжат со протести додека не се реши проблемот.