За 100 илјади евра во Скопје ќе купиш стан од 40 квадрати, а во другите градови во државата од 100 и повеќе квадрати. Градежните експерти велат дека цената на становите во Скопје е нереална и оти таа се зголеми поради големата внатрешна миграција. Не може цела Македонија да живее во Скопје, а градот нема ни инфраструктура за толку жители, автомобили… Потребно е рамномерен регионален развој, а во градовите да има децентрализација на надлежности и фискална децентрализација.
-Квадратот во Скопје се зголеми поради внатрешната миграција. Цената не е реална бидејќи цените на градежните материјали и на работна рака се исти и во Велес, Прилеп…, а таму квадратот чини 800 евра. Во државата има многу трговци со станови кои профитираат, а за сметка на тоа се уништува квалитетот на живот на граѓаните. Немаме рамномерен регионален развој и затоа ни се случи цените на становите во Скопје да станат 2.500 евра за квадрат, вели за весникот ВЕЧЕР, Никола Велковски, градежен експерт.
Тој додава дека и во другите градови потребно е да се развива инфраструктурата, да има подружници од сите државни институции со цел да се создадат подобри услови за живот.
-Не може сè да е сконцентрирано во Скопје и жителите од другите градови секојдневно да доаѓаат на работа. Пола Македонија наутро се сели во Скопје и за влез има по неколку колони, а се чека по еден час. Потребен е рамномерен регионален развој, во Скопје не треба да се прави толкава инфраструктура, појаснува Велковски.
Освен кај нас и во Србија ситуацијата е слична. Сè се случува во Белград и затоа цената на квадратот е највисока, но за разлика од кај нас во Србија селата сè уште живеат, ние одамна ги запуштивме.
Градежните експерти велат дека општините немаат детални урбанистички планови што и каде да се гради. Ќе дојде странски инвеститор и нема да знае каде да инвестира. Никој не ти дава пари ако немаш одобрение за градба за кое ти треба детален урбанистички план. Велат дека требаше да се развиваат технолошко-индустриски зони, но и тука има застој.
За разлика од Скопје и Белград во Љубљана ситуацијата е поинаква. Љубљана се развива рамномерно и од 1970 година наваму бројот на жители е зголемен за помалку од 5.000.
И во Белград цените на становите растат бидејќи сите сакаат да живеат во главниот град. Гарсониера во центарот на Белград моментално чини 100 илјади евра, а за овие пари во Нови Сад, Ниш и Крагуевац може да се купат станови од 45, 70, па и речиси 100 квадрати.
Само годинава цената на становите, во зависност од локацијата, е поскапа за пет па дури до 30 отсто. Како тоа да не е доволно, експертите предвидуваат дека наскоро може да следи нов скок, бидејќи на почетокот на 2025 година Народната банка на Србија трајно ќе ги ограничи каматните стапки на станбените кредити, а поповолните услови ќе ги мотивираат потенцијалните купувачи да станат сопственици на недвижен имот.
Според аналитичарите, цените на становите во Скопје ќе продолжат за растат, а како причини за тоа ги наведуваат цените на материјалите, како и недостигот на работна сила што ги зголемува трошоците за плати. Еден од условите е и континуираното намалување на локациите за градба кои речиси веќе и ги нема особено во скопската општина Центар.