Младата мајка Нермина Хуриќ (21) од Босна и Херцеговина починала утрово како последица на корона вирусот, потврдија за порталот „Аваз“ од здравствениот дом во Живинице во близина на Тузла.
– За жал, таа почина во Универзитетскиот медицински центар во Тузла – соопштија од здравствениот дом Живинице.
Информацијата ја потврдија и нејзините пријатели. Позади себе остави деветмесечно бебе.
Нејзиниот сопруг Мустафа скршен од болка се огласи на социјалните мрежи.
– Розо моја најубава, не успеав.. Дадов се’ од себе, но Нему си му била подрага и Негова воља била да заминеш на подобро место. Подалеку од овој суров и проклет свет. Знај, розо моја, никогаш нема да бидеш заборавена и дека повторно ќе се сретнеме некогаш ако Бог даде, напиша тој.
Блиски роднини и пријатели на Нермина велат дека била прекрасна личност и голем хуманист.
– Замина онаму каде што се твоите родители. Засекогаш ќе бидеш во нашите срца, велат тие.