Полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар вчера (2 јануари) околу 18 часот и 15 минути ги лишиле од слобода: Ј.О.(27), Д.О.(30), Ф.О.(29) и А.О.(19) од Република Косово и Б.Д.(29), Г.Ѓ.(25), М.Ѓ.(41) и С.Ѓ.(30) од Гостивар, поради сомнение за нивна инволвираност во меѓусебна физичка пресметка која околу 14 часот и 50 минути се случила на ски-терените на Бистра во Маврово.
Според пријавеното, во физичката пресметка биле употребени и тврди предмети, а две лица, А.О. и С.Ѓ. се здобиле со тешки телесни повреди, констатирани во гостиварската Општа болница „Ферид Мурад“, каде во меѓувреме биле пренесени за укажување на лекарска помош.
Сите инволвирани се задржани во Полициската станица Гостивар за целосно расчистување и документирање на случајот, по што ќе биде изготвена соодветна пријава, соопштуваат од полицијата.
СДК.мк претходно објави дека на ски-терените во Маврово, во неделата околу 14 часот избила жестока тепачка која не била со голи раце, меѓу лица од Гостивар и неколкумина косовски државјани кои меѓусебно тешко се повредиле, јавија во САКАМДАКАЖАМ.МК очевидци на настанот кои скијале на падините.
По пријавата во полиција, учесниците во масовната тепачка биле приведени и задржани во полициската станица во Гостивар.