Ракометната репрезентација на Македонија вечерва од 18 часот ќе го игра вториот натпревар на Европското првенство, откако во првото коло, избраниците на Кирил Лазаров несреќно загубија од Словенија со 25:27.

Во салата „Феникс“ во Дебрецин, ракометарите играат против Црна Гора, а двете репрезентации во овој натпревар влегуваат по поразите во првото коло. Црногорците загубија од фаворитот Данска со 30:21, додека неискуството ги чинеше „црвено-жолтите“ позитивен исход против Словенија.

Селекторот Лазаров очекува вечерва поинакво издание од неговите ракометари, односно да го исполнат зацртаните цели и да не ги понесат емоциите како со натпреварот против Словенија.

– Се договоравме да не ги понесат емоциите и да бидат фокусирани на она што е договорено, да го оставиме „шлагот“, славењето за крај, сепак се работи за една млада и неискусна екипа и како поминува времето да станат победници, да знаат како се победува и тоа малку ме загрижува, затоа што на некои договорени работи паднавме, не ги исполнивме. Но, оставивме позитивен впечаток, ми се допаѓа што јавноста е позитивна, но од друга страна тоа не сакам да ги заспие репрезентативците, туку да бидеме уште подобри и да си дадеме како задача да бидеме подобри како колектив во вториот меч против Црна Гора – вели Лазаров.

И двете репрезентации во првото коло имаа проблеми поради коронавирусот, Лазаров не можеше да смета на четворица репрезентативци кои беа позитивни на ковид-19, додека Црногорците имаат поголеми проблеми. Но, вечерва и во двете селекции има нови имиња, Никола Митревски имаше два негативни тестови на ковид-19 и доби дозвола од ЕХФ да настапи по што заедно со одличниот Мартин Томовски ќе ја сочинуваат голманската двојка, додека кај Црна Гора се враќа Стефан Чавор.

На целата македонска нација секако дека и недостасува играњето на нашиот најдобар ракометар на сите времиња, Кирил Лазаров, кој и денеска само од клупата ќе може да и помогне на селекцијата. Во продолжение, да се потсетиме на тоа каков ракометен виртуоз е нашиот Кире.

🎥