Морнарот Петар Марчинко, кој исчезна пред 30 години од Чепикуча на самиот југ на Хрватска, е пронајден во Шпанија, каде што живее и денес.
Според Дулист, полицијата го известила семејството на пронајдениот Марчинко, а во меѓувреме бил избришан од регистарот на исчезнати лица.
Јавноста се уште не ја знае причината за неговото мистериозно заминување во Шпанија пред 30 години и зошто никогаш не контактирал со семејството, пишува Вечерњи лист.
Последната информација за него беше во април 1992 година, кога како 39-годишен се симнал од бродот Дубровник во Хихон (Шпанија) и оттогаш му се губи секаква трага. Дури 30 години подоцна, полициската управа Дубровник-Неретва неделава добила потврда од меѓународни институции со кои соработувале при проверка на документи кои неодамна се појавиле во полициската станица Стон на негово име.
По детална проверка Марчинко е пронајден жив во Шпанија.
Во средината на декември, Дулист го посети родниот град на Марчинко, Чепикуча, во потрага по информации за пронајдените документи, а потоа неговите сограѓани им посочиле на новинарите само убави работи за него. Сите се надеваа дека документите се навистина негови и дека е жив.
Неговите соседи од селото Чепикуча за него имаат само пофални зборови.
– За мене како момче тој беше ‘прва лига’… Ние сме од исто село, со него, како што се вели „цигара делевме“. Ниту бил оженет, ниту имал деца. Има четворица браќа, двајца се починати, а двајца се живи. Едниот е во Канада, другиот во Франција. Сакаше да им помага на сите, никогаш никому не должеше. Можам да кажам се најдобро за него, никогаш не сум слушнал дека имал проблеми со некого и сите ќе го кажат тоа. Беше одличен, премногу добар, мирен – изјави еден од нив.
Според зборовите на еден сосед, Петар требало да се качи на брод за Канада за да оди кај својот брат, но поради некоја причина не го сторил тоа, туку се симнал во Шпанија.