Исчезнувањето на Сплиќанецот Матеј Периш (27) во Белград предизвика големо внимание во целиот регион.
Во истрагата освен српската и хрватската полиција, се вклучиле и самите граѓани, кои во разни групи на социјалните мрежи го анализираат секој детаљ од овој случај.
Овојпат приказната повторно се завртела околу Маја Сопта и мистериозната мапа во нејзиниот телефон која се совпаѓа со рутата по која трчал Матеј.
Маја веќе се поврзува со исчезнувањето на Матеј. Една од шпекулациите беше дека кобната вечер отишол да ја бара. Таа неодамна даде изјава за медиумите, кога негираше дека таа вечер имала контакт со него и потврди дека ѝ се јавил, но дека таа не одговорила.
Но, при давањето изјава пред ТВ камерите и прикажувањето на преписката со Матеј, многумина ги забележале мапите кои се појавуваат во позадина, на кои е прикажан просторот околу клубот „Готик“ од кој Сплиќанецот мистериозно истрчал.
„Додека Маја ги покажуваше пораките, ги покри со прстот и по две секунди се појавија две слики во долниот агол. Станува збор за мапи за кои постои сомневање дека се составен дел од комуникацијата меѓу Маја и Матеј“, коментира учесник во една група.
На една од сликите се гледа обележаната рута од движењето од клубот „Готик“, а понатаму по улицата по која Матеј трчал кон ресторанот „Саванова“.
Додека едни се сомневаа дека Маја не е целосно искрена и дека тие мапи ги направила порано и ги испратила на исчезнатиот пријател, други не ја исклучуваат можноста таа да ги направила подоцна за да утврди од непозната причина зошто Периш тргнал по тој пат.
Во секој случај, многумина се прашуваат зошто неа би ѝ била потребна рутата на движењето на Матеј таа кобна ноќ и укажуваат дека овој детаљ и снимките треба да се пријават во полиција бидејќи се сомневаат дека некој нешто крие.
Во групите посветени на Метеј, многумина укажуваат на нелогичностите кои јавно ги кажа Маја С. Таа тврдеше дека не одговорила на повикот на Матеј бидејќи возела „а не се снаоѓа најдобро на мраз и снег“. Но, таа вечер во Белград немало снег бидејќи било околу 10 степени!
Таа исто така тврдеше дека кога ѝ се јавил Матеј, отишла во ресторан за да јаде супа и месо, бидејќи била болна и имала температура!? Освен што во време на пандемијата и ковид сертификати болеста и температурата не ја спречиле да излегува во белградските клубови и ресторани, интересно е и тоа што Матеј ѝ се јавил во 22:39 часот, а ресторанот во кој отишла работи до 23:00.