Бојан Јовановски познат како Боки 13 изминативе два дена е повторно главна тема низ домашните, но и регионалните медиуми. Наслови во српските медиуми се со прашања дали тој излегол од затвор, но и констатации дека се огласил со писмо, кое вчера преку правниот тим го проследи до јавноста.

Интересно е што во исто време, излезе и објава на неговиот профил на „Инстаграм“ во која пишуваше „I’m back“ што би значело „Се вратив“. За ова српскиот портал „Ало.рс“ пишува: „Многумина оваа објава ја сфатија како враќање дома или враќање на слобода, што би значело до промена на судската одлука“.

Но оваа информација не е точна. Истовремено, останува непознато на какво враќање мисли Боки 13 со оглед дека изминатиот период објави неколку писма преку кои обвинува за криминал.

На неговиот профил беше објавена и објава со нова порака „F**k, fake, friends“, што упатува на тоа дека тој можеби расчистува со луѓето кои ги смета за пријатели, но не му биле.

Според наши извори, овој профил кој му припаѓа на Боки 13, го води негов асистент, кој комуницира со осудениот преку неговиот адвокатски тим. Но што би значела објавата ако се протолкува, засега останува непознато.

За потсетување, тој и во минатото имаше ангажирано луѓе кои се грижеа за неговиот јавен имиџ, а постојано беше во придружба на асистентка. Откако е во затворот „Идризово“, Боки 13 со јавноста и новинарите комуницира преку неговиот правен тим. Токму тие, ги доставуваат и отворените писма напишани од него, до јавноста и новинарите.