Плацентата можеби има начин да се заштити себеси и фетусот од инфекција со коронавирус, сугерира мала американска студија.
Научниците проучувале 24 жени кои се породиле помеѓу јули 2020 година и април 2021 година.
Осум имале симптоматски ковид-19 во вториот триместар, осум биле заболени од вирусот во третиот триместар, а осум не биле заразени за време на бременоста.
Кога Ковид-19 се појавил во бременоста, особено во третиот триместар, се чинело дека плацентарните клетки го „отфрлаат“ површинскиот протеин наречен ACE2 што вирусот го користи за да се пробие во клетките и да ги инфицира, оставајќи помалку простор за навлегување на вирусот.
Жените кои боледувале од Ковид-19 во третиот триместар имале високи нивоа на ензимот наречен ADAM17 за кој е познато дека помага во ослободувањето на ACE2 од површината на клетката, објавија истражувачите во The American Journal of Pathology.
Плацентата може да „чувствува“ дека мајката има ковид-19 „и можеби го воспоставува овој механизам за да помогне да се отфрли ACE2 протеинот и на тој начин да се спречи вирусот SARS-CoV-2 да ја нападне плацентата и да го инфицира фетусот“, изјавила Елизабет Таглауер од Медицинскиот центар во Бостон…
„Претходните студии покажаа дека плацентарните клетки се инфицираат само во седум до 20 отсто од бременостите во кои мајката има ковид-19“, рече Таглауер.
„Кога вирусот некако ќе влезе во плацентата, тој ретко стигнува до фетусот“, додаде таа.