Започнаа хоризонталните ископувања во рамки на спасувачката акција за младото момче Рајан (5 г.) кое падна во бунар длабок 32 метри во градот Шефшауен, Мароко. Екипите ја водат спасувачката операција веќе 76 часа, а започнати се и работите на хоризонталниот ископ, јавуваат медиумите во Мароко.
На терен има поставено екипи на брза помош која ќе го однесе момчето во болница доколку биде успешно спасено. Снимката од камерата спуштена во бунарот покажува дека детето е се уште живо, а му се дава кислородна поддршка во секој момент.
Спасувачката операција на петгодишно дете кое падна во бунар во близина на северниот град Шефшауен е во тек од вторникот вечерта, пишува Би-би-си.
Се верува дека момчето, петгодишно дете по име Рајан, паднало во тесна дупка длабока 32 метри. Имено, по неколкудневно копање, пожарникарите тврдат дека им останале само три метри до момчето, но постои опасност од одрон. Како мерка на претпазливост, се копа „паралелно“ со бунарот за да се стигне до Рајан, што досега се покажа успешно.
„Се приближуваме кон спасување на детето“, рече Мустафа Баитас, владин портпарол, во четвртокот навечер.
„Нашите срца се со неговото семејство и се молиме што побрзо да се врати кај нив“, заклучи тој.
Таткото на Рајан поправал бунар во моментот на несреќата и вели дека мајката на Рајан и тој се „многу загрижени“.
И покрај страшниот пад, снимката од камерата спуштена во бунарот покажува дека момчето останало живо и свесно, иако имало полесни повреди на главата. Да потсетиме, спасувачите фрлиле маска со кислород, храна и вода во бунарот, а медицинска екипа е на лице место подготвена да му помогне на момчето. На местото на настанот пристигнал хеликоптер кој откако ќе биде извлечен од бунарот ќе го однесе во болница.
Локалните медиуми објавија дека покраинските власти ги следат обидите за спасување и дека десетици припадници на полицијата, помошните сили, кралската жандармерија и службениците за цивилна заштита сега се вклучени во операцијата.