Петгодишното момче од Мароко, кое пет дена било заробено на дното на бунарот длабок 32 метри, спасувачите го извлекле во саботата навечер, но, за жал, детето го изгубило животот – Постои сомнеж дека починало од хипотермија.

Рајан Аврам, 5-годишното дете од Мароко, кој пет дена минал заробен на дно на бунар длабок 32 метри, починал само неколку часа пред спасувачките екипи во саботата навечер успеале да дојдат до него. Како што соопштиле локалните власти, несреќното дете и покрај повредите до последен момент давало знаци на живот, но на крајот сепак починало, најверојатно од студ.

Копале со раце

Малиот Рајан паднал во бунар во вторникот попладне, додека си играл пред својата куќа во селото Игране кај градот Шефшауен, на северот на Мароко. Неговите родители забележале дека го нема, а потоа ги слушнале неговите тивки повици за помош, кои допирале од бунарот. Откако ја алармирале полицијата, започнала голема спасувачка акција, која траела од среда наутро до сабота навечер.

Бидејќи бунарот во кој паднал Рајан бил многу тесен, со дијаметар околу 45 центиметри, спасувачите не можеле да влезат во него, туку практично ископале цело брдо за да му се приближат. Поради лошиот терен и опасноста земјата да го поклопи, последните неколку метри спасувачките екипи, но и локалното население, ги копале со раце. Во саботата навечер конечно го извлекле од дупката и со возило на итна помош го префрлиле во болница. Меѓутоа, набрзо било соопштено дека Рајан починал, најверојатно од хипотермија.

Во текот на петте дена, колку што детето минало заробено во бунарот, пожарникарите му спуштале вода и храна, но и кислород до дното на јамата, а целиот свет ја следел акцијата за спасување и се надевал дека детето ќе биде спасено.

Се надевале до крајот

Сепак, бидејќи подрачјето околу Шефшауен во овој период од годината е многу студено, па температурата навечер е неколку степени над нулата, властите веруваат дека Рајан не починал од повредите со кои се здобил при падот, туку дека замрзнал.

„Скршени сме од тага и болка. До последен момент се надевавме дека нашето дете ќе биде извлечено живо од бунарот. Не знам што ќе правиме сега. Им благодариме и на сите кои учествуваа во спасувањето на Рајан и сите кои беа покрај нас“, рекол за медиумите таткото на детето.