Камила Валиева, 15-годишната руска ѕвезда во уметничко лизгање, ќе може да продолжи да се натпреварува на Зимските олимписки игри во Пекинг откако ѝ е укината суспензијата. Меѓутоа, Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) бара случајот да заврши со судска одлука.
Валиева доби позитивен тест за триметазидин и беше суспендирана откако Руската антидопинг агенција дозна за тоа на 8 февруари, но суспензијата, ден потоа ѝ е укината, пренесе Спутник.
15-годишната Русинка го освои златото на екипното натпреварување во Пекинг со руската репрезентација, откако во историјата на Игрите влезе како прва натпреварувачка која успеала да изведе целосен четирискок.
„Валијева на 9 февруари поднесе жалба на привремената суспензија, а РУСАДА одлучи да ѝ ја укине, па на оваа спортистка ѝ е дозволено да продолжи да се натпреварува на Олимписките игри. Причината за ваквата одлука ќе биде објавена јавно во најкраток можен рок, се вели во соопштението на Меѓународната агенција за тестирање.
Меѓутоа, Меѓународниот олимписки комитет најави дека ќе се жали на одлуката на РУСАДА и дека за се ќе одлучува Судот за спортска арбитража.
До крајот на Зимските олимписки игри, Валиева треба да се натпреварува индивидуално. Кратката програма ќе се одржи на 15 февруари, а слободната на 17 февруари, па пред тоа ќе треба да дојде одлуката на судот.
МОК го користи правото на жалба на одлуката да ѝ дозволи на Валиева да го продолжи натпреварувањето, изјави портпаролот на МОК, Марк Адамс и додаде дека е потребна поширока и темелна анализа на целиот случај.
-Слушнавме разни гласини и очекуваме дополнително објаснување, но јасно е дека главниот документ е објавен. МОК е 100% против допингот и води темелна истрага за секој случај, но тоа се уште не е направено. Посебно затоа што станува збор за малолетно девојче, изјави Адамс.
За потсетување, ова ѝ е прва година на Валиева да се натпреварува со возрасни. Таа претходно ги освои Европското и Руското првенство, а постигна и неколку рекорди во помладите категории.