Композиторот Тоде Новачевски (65) кој пред три дена почина по тешка борба со карцином во Австралија, ги минал последните денови во болница, опкружен со најблиските, децата и поранешната сопруга Маријана, објавува Фокус.мк.

Длабоко потресени од неговата смрт, со него на социјалните мрежи се простија и Росана, сестрата близначка на Маријана, како и останатите членови на нејзиното семејство. И покрај разводот, Тоде останал многу близок со поранешната сопруга, но и со нејзината фамилија, а тоа не го криеше и постојано објавуваше стари фотографии, потсетувајќи дека тоа биле најубавите времиња во неговиот живот.

Но, во моментите на голема тага на семејството, дел од јавноста ги нападнал Маријана и Росана, со коментари на социјалните мрежи дека не може да се тагува по поранешен сопруг или зет.

Семејството тешко ги поднело овие обвинувања, најчесто од луѓе кои дури и никогаш не ги запознале Тоде, Маријана и Росана, туку водени од лоши намери, се дрзнале да ги навредуваат. Ивана, ќерката на Росана, јавно реагираше по повод навредите и нападите врз нивната фамилија, прашувајќи од каде се собрало толку лошотилок во еден народ.

-Пристап до Интернет и социјални мрежи треба да биде привилегија, а не норма! Или да се помине тест на укост и писменост пред да може некој јавно да пишува се и сешто. Булингот преку социјални мрежи е на ужасно високо ниво. Тоа дека секој има право да напише секакви небулози, гнасни коментари и невистини за секого е поразително.

На порталите коишто ја објавија веста за смртта на тетин ми, се најдоа грст луѓе кои што се дрзнаа да пишуваат како и зошто ние како семејство сме ожалостени кога тетка ми била разведена од него. Колку беда и лошотилок има во овој народ што им е чудно како тоа бивши сопружници, воедно и родители, не си копаат очи еден со друг, туку се почитувале до самиот крај. Не им е јасно зошто се објавуваат слики од нив двајца. Се дрзнуваат да кажат дека нашата тага е за публицитет и глумење лудило – пишува Ивана, а нејзината мајка Росана ја сподели објавата.

Таа се прашува зошто тагата по поранешниот сопруг се класифицира како лажна, и потсетува дека луѓето тажат и по миленичиња, но и по јавни личности кои дури воопшто не ги познавале.

-Родителите ме учеле да сум културна, одмерена, да не се замерувам, ама ова веќе ги поминува сите граници и не, веќе нема да молчам додека се пишуваат лаги,невистини и гадости.

Ако некој е јавна личност не значи дека истите тие немаат чувства и емоции. Не значи дека не ги боли нив или нивните семејства кога секој си зема за право да ни се обраќа со погрдни зборови или да пишува работи кои немаат врска со реалноста и здравиот разум! –реагира ќерката на Росана.

Како што претходно Росана изјави за ,,Фокус”, Новачевски ќе биде кремиран, а потоа неговата пепел ќе биде расфрлена на некоја планина, за да биде слободен, бидејќи тоа било негова желба.