Силна експлозија одекнала во источноукраинскиот град Луганск, пренесува РИА Новости.
Според руската агенција, гасоводот „Дружба“ е во пламен по детонацијата. Службите за итни случаи се на терен и се обидуваат да го локализираат пожарот.
Претходно денеска недалеку од седиштето на самопрогласената Народна Република Доњецк се случи голема експлозија, а според руските медиуми станува збор за детонација на бомба во автомобил.
— ASB News / MILITARY〽️ (@ASBMilitary) February 18, 2022
На сликите од местото на експлозијата се гледа целосно уништен автомобил на паркингот на околу 100 метри од седиштето на тој регион, а се забележуваат големи штети на околните возила.
Уништеното возило му припаѓало на шефот на Народната милиција на Народна Република Доњецк, Денис Синенков, кој за Интефакс изјавил дека не е повреден во експлозијата.
Утрово со сирени во Доњецк беше означена евакуација на населението во Русија, поради страв од можен вооружен напад на Киев, а како што е најавено, се очекува тој регион да го напуштат 700 илјади луѓе.
Во руската област Ростов доцна вечерва пристигнаа првите автобуси со луѓе евакуирани од регионот под контрола на сепаратистите.
Гувернерот на Ростовската област Василиј Голубев му се обрати на претседателот на Русија Владимир Путин со барање да се обезбеди итна помош во врска со неочекувано големиот прилив на бегалци од Донбас.
„Путин телефонски разговарал со вршителот на должноста министер за вонредни ситуации Александар Чупријан и му наредил итно да отпатува во Ростовската област со цел на лице место да се создадат услови за сместување, обезбедување топли оброци и се што е потребно, вклучително и медицинска нега за бегалците“.
Рускиот лидер и нареди на Владата на Русија итно да обезбеди исплата од 10.000 рубљи (околу 115 евра) за секој бегалец што ќе пристигне од Донбас во Ростовската област.
На евакуација на жителите денеска повика и самопрогласената Луганска народна република.
Бајден: Путин донесе одлука да ја нападне Украина
Путин „донесе одлука” да ја нападне Украина, нагласи во вечерашното обраќање американскиот претседател Џозеф Бајден.
Тој додаде дека Русија има намера да ја нападне Украина во следната недела или денови.