Владата на седница одлучи да се приклучи кон мерките на ЕУ за воведување санкции кон Руската Федерација. Бизнисмени и политичари кои одиграле улога за состојбата во Украина им се воведува забрана за патување во земјите на ЕУ и забранет пристап до европските фондови.

„Во оваа фаза таргетираните рестриктивни мерки на ЕУ, кон кои се придружува и нашата земја, опфаќаат таргетирани мерки за утврден број лица од политиката и бизнисот кои одиграле улога за настанатата ситуација во Украина и за нив се воведува забрана за патување низ земјите на ЕУ, како и забрана за пристап до финансиските фондови на Унијата“, рекоа од Владата.

Прогнозите на светските економисти се дека ако санкциите се продлабочуваат, глобалната економија би можела да доживее голема криза.

„Најстрогите санкции, како што е исклучувањето на Русија од глобалниот систем за плаќање или исклучувањето на руските банки од глобалните финансиски пазари, би го загрозиле извозот на енергија во Европа, а исто така и другиот извоз каде Русија е значаен снабдувач како што се индустриските материјали како никел, бакар и сл.“, рече Крис Вифер- Аналитичар за ризик.

Од утринава на светските берзи цената на природниот раст порасна за 35 насто или 1.000 метри кубни достигнаа цена од 1.400 долари. Нафтата од вчерашните 91 долар за барел денеска на берзите достига 102 долари. Дел од европските експерти велат дека на глобално ниво може да се забави економскиот раст.

„Инфлацијата масовно ќе се зголеми, а појавата на рецесијата ќе биде неизбежно сценарио. Златото расте, нафтата, гасот се зголемуваат уште повеќе а од друга страна се намалуваат пазарите на акции“, рече Роберт Халвер- Аналитичар на истражување на пазарот, Германија.

Покрај енергенсите и металите – и цената на пченицата на берзите бележат раст од 5 насто. Украина е еден од најголемите светски производители на житни култури. Цената на пченицата достига 935 долари и е на највисоко ниво од 2012 година. Од друга страна акциите бележат пад на сите берзи во светот.