Руската војска има целосна воздушна супериорност во Украина и го стега обрачот околу Киев со намера да ја „обезглави“ украинската влада и да постави своја марионета, изјави вечерва после полноќ американски воен извор, пренесуваат светските медиуми.

Руските трупи од Белорусија брзо напредуваат кон југ и го стегаат обрачот околу Киев, изјави претставник на Пентагон.

– Сметаме дека тие сакаат да ја соборат владата и да инсталираат своја, што би го објаснило таквиот напредок кон Киев – додаде тој.

– Украинската воздушна одбрана е неутрализирана и Украинците немаат сили за противвоздушна одбрана. Воздушната супериорност на Русија е комплетна – изјави изворот.

– Во следните неколку часа Русите ќе се обидат да соберат сили околу главниот град и неговата одбрана ќе зависи од копнените сили и од народниот отпор.

– Руската армија би можела да биде околу Киев за неколку дена, ако не дури и во петок наутро, судејќи според брзината на напредокот – рече тој.

– Не многу време. Многу ќе зависи од отпорот на Украина.

Диверзанти

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во четвртокот вечерта дека групи „руски диверзанти“ веќе се во Киев и ги повика граѓаните да бидат внимателни и да го почитуваат полицискиот час.

– Ќе останам во главниот град. И моето семејство е во Украина. Според информациите што ги имаме, непријателот ме означил како цел број еден. Моето семејство е цел број два.

Русија досега навлегуваше на украинска територија од три правци: јужно од Крим, северно од Белорусија до Киев и на исток од рускиот град Белгород до Харков.

Нападите беа насочени кон воени цели, вклучително воздушни бази и командни центри, но Пентагон верува дека целта е да се окупираат клучните градови.

Особено впечатливи беа руските напади на воениот аеродром Хостомел, пред портите на Киев, каде се чини дека борбите сè уште траат и двете страни тврдат дека имаат контрола.

Тој аеродром може да биде почетна точка за околината на Киев.

Висок функционер на Пентагон вели дека ваква офанзива не е видена 70 години.

Русите се уште не влегле во западниот дел на Украина и нема знаци за амфибиски напад од југ, од Црното Море.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на првиот ден од инвазијата биле убиени 137 Украинци, а американскиот функционер не сакал да ги процени загубите на украинската армија.

„Видовме знаци на отпор и одмазда“, рече тој.

Исто така, комуникациите во Украина функционираат, што значи дека сајбер нападите се оставени за втората фаза од операцијата.

Пентагон не можеше да потврди дека се соборени неколку руски авиони или дека Русите го освоиле Чернобил.