Министерството за одбрана на Украина тврди дека нејзините војници од почетокот на инвазијата предизвикале 800 жртви на руската страна.

Не е јасно дали се работи само за убиени луѓе. Тие додадоа дека уништиле повеќе од 30 руски тенкови, седум авиони и шест хеликоптери.

– Сепак, овие тврдења не можат да се потврдат од независен извор и треба да се земат со резерва, јавуваат светските агенции.

📷

Неколку гласни експлозии се слушнале во Киев утрово околу 3:30 часот (македонско време), објави „Гардијан“, повикувајќи се на извештаи од новинари на терен во Украина.

Репортерката на „Гардијан“, Ема Греам Харисон, потврдила дека слушнала нешто што звучело како голема експлозија, додека репортерот Лук Хардинг пријавил дека има експлозии во Киев.

Според украинската оперативна команда, се работи за украинската против-воздушна одбрана која пукала на руски авион и дронови.

Украинскиот амбасадор во Австрија – Олександер Шчерба, за „Гардијан“ рекол дека слушнал две „тешки експлозии“ околу 4:25 часот по локално време. Истовремено, и тимот на CNN, како и репортери на Франс-Прес, пријавиле силни експлозии во Киев.

Овие извештаи од терен се совпаѓаат со неколкуте видеа кои во тие моменти беа објавени на социјалните мрежи. Едно од нив пред неколку минути беше објавено на Твитер профилот на украинските воени сили.

„Руските воени криминалци пукаат на мирни делови од Киев. Украинската против-воздушна одбрана не дозволи два смртоносни подарока од ‘браќата’ да стигнат до главниот град. Останете смирени, помагајте си едни со други, информирајте се само од официјални извори“, се вели во Твитот.