Индекс.хр пишува дека Срѓан Керим е еден од најценетите дипломати во регионот, Европа и светот.
Тој е македонски и хрватски државјанин, а во разговор за Индекс.хр зборува за тоа како руската инвазија на Украина ќе се одрази на соседството и Хрватска. Тој вели дека војната која сега се води е на нашите граници, а Европа е мала. Додава дека фронтот ни е преблиску.
„Ние во регионот имаме ситуација некои земји да се членки на НАТО, а некои не се. Ова што сега се случува е комплетно рушење на меѓународниот поредок кој го познававме си децении. Со инвазијата на Русија на Украина се нарушени пет принципи на ОБСЕ, принципи на суверената еднаквост на државите, територијалниот интегритет, суверенитет, неповредливост на границите и забрана за употреба на сила за наметнување на политички интереси. Се враќаме во времето кога секоја сила имала своја зона на интерес, и внатре во неа смеела да прави што сака. Не смееме да дозволиме нашиот регион да стане ловиште на големите сили“; вели Керим.
На прашањето кој е најголем фактор на нестабилност во регионот, ја спомена Република Српска и политичарот Милорад Додик кој ја доведува во прашање целовитоста на БиХ, и јавно се солидаризира со Русија.
„Мораме сите да бидеме будни, затоа што се што Путин правеше во Грузија, Казахстан, сега го прави и во Украина и тоа упатува дека мораме нашиот регион да го сочуваме од такви операции. Единствен начин на кој тоа може да се случи е ЕУ да сфати дека ова е клучен момент за да донесе државничка одлука да го интегрира Западен Балкан во себе“, рече Керим.
Вели дека нема шанси Украина експресно да влезе во ЕУ, но тоа е моќен политички сигнал. Во интервјуто Керим зборува и за позициите на Србија, Косово, Црна Гора.
Одговарајќи на прашањето како гледа на тоа дека многумина тврдат дека Путин го изгубил умот и не се однесува рационално, Керим вели:
– Не се согласувам со оние кои го сметаат Путин за ирационален. Ако има една олеснителна околност во анализата на неговото однесување, тоа е дека тој е многу предвидлив. Се што прави Путин сега, тој одамна го најави. Треба да ја погледнеме генезата. Пред 15 години, на безбедносната конференција во Минхен, Путин се осврна на сите негови фрустрации од однесувањето на Западот, нагласувајќи дека Русија ќе ги брани своите национални интереси каде и да смета дека тоа е потребно. Не мора да си генијален дипломат за да разбереш што значи таа изјава. Путин ги најави сите овие потези, му пречи проширувањето на НАТО.
– Не би се согласил дека Путин е неурачунлив, но сето тоа е дел од неговата стратегија. И сега е нервозен затоа што Украина пружа силен отпор. Како ќе заврши Путин зависи од внатрешните односи во Русија и рускиот народ. Нема да зависи од САД, НАТО, Кина итн.