Силни експлозии и вечерва се слушаат во вториот по големина украински град Харков, кој моментално е најпогоден од руските напади.

Градоначалникот на опколениот град Харков, Игор Тереков, изјави за Би-Би-Си дека повеќе луѓе загинале поради руското гранатирање, но ветил дека градот нема да падне.

Тереков вели дека во целиот град се водат интензивни борби и дека ситуацијата е многу опасна. Тој додава дека Русите постојано гранатираат и гаѓаат со крстаречки ракети кон населени места, а добил информација дека Русите активирале термобарична бомба.

– Русија испрати голем број војници и тенкови во Харков. Нападите не престануваат – рече Тереков и го повика светот да направи се што е потребно за да го запре агресорот.

Тој додаде дека нема извештаи за жртви во градските засолништа, каде што многумина се сокриле.

– Денес Харков е обединет како никогаш досега. Ќе преживее. Расположението во градот е сериозно и сите се фокусирани, но градот е обединет и ќе постои – вели тој.