Американската министерка за енергетика по разговорите со нејзиниот украински колега напиша на Твитер дека реакторите се безбедно затворени. Нуклеарната централа Запорожје е најголема во Европа и се наоѓа во југоисточна Украина.
Украинскиот министер за енергетика Герман Галушченко имал итен телефонски разговор со неговата американска колешка Џенифер Гранхолм за ситуацијата во нуклеарната централа Запорожје, јавува CNN, повикувајќи се на изјава на украинскиот министер.
Пожарот избувнал во петокот во раните утрински часови и бил изгаснат без жртви, тврдат украинските служби за итни случаи.
Разговорот го потврди и американската министерка за енергетика.
„Руските воени операции во близина на електраната се непромислени и мора да престанат. Го активиравме протоколот за нуклеарни инциденти и ги следиме настаните со Министерството за одбрана, Нуклеарната регулаторна комисија и Белата куќа. Не видовме зголемување на отчитувањата на радијацијата во близина на објектот, напиша таа на Твитер.
Запорожје е најголемата нуклеарна централа во Европа и една од 10-те најголеми во светот. Се наоѓа на југоисточниот дел на Украина, во близина на Енергодар. Има вкупно шест реактори и првиот е во функција од крајот на 80-тите, а последниот е додаден во 1995 година.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба синоќа на Твитер напиша дека катастрофата ќе била 10 пати поголема од онаа во Чернобил, доколку електраната експлодирала.