Директните напади во комбинација со уништување на мостовите го забавија напредувањето на огромен руски воен конвој, лоциран на околу 24 километри северно од Киев, изјави денеска висок претставник на американското Министерство за одбрана.

Во меѓувреме, Украина задржа „значително мнозинство“ од своите воздухопловни сили, па се чини дека Русија не успева да воспостави доминација во воздухот, пишува CNN.

Конвојот долг 64 километри не постигна значителен напредок од викендот, рече официјалниот претставник.

– Сметаме дека украинското кревање на мостот во воздух имаше значително влијание за запирање, односно забавување на движењето на тој конвој. Веруваме и дека Украинците директно го погодиле конвојот – рече тој.

На почетокот на неделава, функционерот рече дека логистиката и проблемите во снабдувањето со гориво и храна значително придонеле за забавување на конвојот. Сепак, Американците сметаат дека силите кои го сочинуваат конвојот се прегрупираат, учат од грешките и дека ќе продолжат со обидот за напад на главниот град на Украина.

Што се однесува до борбата за превласт во воздухот, функционерот рече дека Украинците се уште имаат на располагање борбени авиони, хеликоптери и беспилотни летала, иако претрпеле одредени загуби.

Да потсетиме, американската компанија „Maxar Technologies“ во понеделникот објави сателитски снимки од конвојот, наведувајќи дека колоната е снимена на источниот влез на аеродромот додека се движела кон Киев и дека во неа имало стотици оклопни возила, тенкови, артилериско оружје и возила за логистичка поддршка.

Новите сателитски снимки покажаа дека рускиот воен конвој кој стигна до предградијата на Киев е подолг од 65 километри, објави Си-Ен-Ен. Конвојот се протега од аеродромот Антонов – кој е приближно 27 километри од центарот на Киев до северно од Прибирск, во близина на границата со Белорусија.

– Конвојот што беше виден како оди кон Киев се чини дека „не се доближи значително“ до главниот град на Украина во последните два дена – изјави неименуван претставник на Пентагон.