Членовите на Конгресот и претставниците на американската национална безбедност разговараат што да направат доколку паднат Киев и владата на украинскиот претседател Владимир Зеленски.
„Еден од предизвиците со кои ќе се соочиме е каде ќе биде седиштето на украинската влада и дали ќе треба да се пресели во Лавов или некаде западно од реката Днепар? Или ќе мора да се пресели некаде надвор од Украина?“, вели конгресменот Џејсон Кроу, ветеран од војните во Ирак и Авганистан и член на Комитетот за разузнавање и вооружени служби.
Во исто време, пишува NBC, конгресменот Раџа Кришнамурти бара од администрацијата на Бајден да развие стратегија во случај Путин да го освои Киев и важни делови од Украина.
„Мораме да се подготвиме за можноста Русите да ја прегазат Украина, во тој случај ќе има жесток отпор и бунт, а ние мора да можеме да помогнеме“, рече Кришнамурти.
Роберт О’Брајан, кој беше последниот советник за национална безбедност на поранешниот претседател Доналд Трамп, смета дека САД и нивните сојузници треба да продолжат да ја поддржуваат украинската страна без разлика каде се наоѓа.
„Треба да ги признаеме како влада во егзил, во Варшава или Лондон, а Украина треба да ја наречеме окупирана Украина“, објасни О’Брајан, додавајќи дека „Не може да им се дозволи на Русите да воспостават марионетска влада“.
Тој објаснува дека, иако постои политичка и морална предност во тоа што Владата е во Украина, „претседателот Зеленски, избраните лидери и воените лидери на Украина мора да останат живи“.
„Правилото број еден на отпорот е: Мора да останете живи. Можеби изгледа глупаво и банално, но тоа е вистина. Никому не му помагате ако не можете да останете живи и да се борите и да помогнете да се здружат луѓето да продолжат да се борат“, заклучи тој.