Откако Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) објави дека од полноќ цените на горивата ќе поскапат, на бензинските пумпи во Скопје забележана е голема редица од колони возила.

На социјалните мрежи повторно кружат фотографии и видеа од граѓани кои чекаат на ред на бензинските пумпи, а слична беше и состојбата минатата недела, поради вест на социјалните мрежи дека ќе дојде до ограничување на горивата.

Претходно денеска, РКЕ објави дека бензините ќе поскапат за 5,5 денари, а дизелот за 10 денари.

Покрај во земјава, цената на горивата порасна и во земјите од регионот, а вечерва големи гужви пред бензинските пумпи се забележани иво Хрватска, пренесува Индекс.

Откако Владата најави зголемување на цените на бензинот и дизелот, голем број на возачи ширум Хрватска исто така побрзале да ги наполнат своите резервоари, а слична ситуација минатата недела беше забележана и во Србија.

Цените на нафтата и гасот рушат рекорди на светските берзи како резултат на руско-украинската криза.