На бензинските пумпи низ Скопје вечерва има зголемена фреквенција на возила откако Регулаторната комисија за енергетика објави дека од полноќ цените на горивата се зголемуваат од 5,5 до 10 денари. Вработените на бензинските пумпи велат дека гориво има, јавува телевизија Телма.
Од полноќ, Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 ќе се продаваат по цена повисока за 5,5 денари, а дизелот по цена повисока за 10 денари. Согласно најновата одлука, цената на Еуросупер БС-95 ќе биде 89,50 ден/лит, а ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава по цена од 91,50 ден/лит. Новата цена на дизелот ќе биде 85,50 ден/лит. Екстра лесното масло за домаќинство се зголемува за 9 денари за литар и ќе се продава по цена од 83,50 ден/лит, додека мазутот се зголемува за 6,149 денар/килограм и новата цена ќе биде 54,319 ден/кг.
Зголемувањето на горивата уследи по рекордниот скок на сите нафтени деривати на светските берзи, а од РКЕ најавија дека ќе носат одлуки на дневно ниво доколку има потреба. Оттаму информираат дека цените на нафтените деривати на светските берзи растат над 21 процент.
Според претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, нафтени деривати има во доволни количини, но проблем е високата цена, што не е случај само кај нас, туку и во Европа.