Најбогатиот руски бизнисмен го предупреди Кремљ да не го конфискува имотот на компаниите кои се повлекле од Русија по инвазијата на Украина, велејќи дека таквиот чекор ќе ја врати земјата повеќе од 100 години назад.
Владимир Потанин, претседател на металуршкиот гигант Норилск Никел и негов најголем акционер, рече дека Русија ризикува да се врати во турбулентните денови на Октомвриската револуција од 1917 година, ако ги затвори вратите за западните компании и инвеститори. Тој ја повика руската влада да дејствува со крајна претпазливост во врска со одземањето на имотот, пренесува Си-Ен-Ен.
– Прво, да не врати 100 години наназад, во 1917 година, а последица од таквиот чекор, глобалната недоверба кон Русија од страна на инвеститорите, ќе трпиме многу децении.
Второ, одлуката на многу компании да го прекинат работењето во Русија е, би рекол, донекаде емотивна по природа и можеби е донесена како резултат на невиден притисок на јавното мислење врз нив од странство. Така, тие најверојатно ќе се вратат. Јас лично би оставил таква прилика – се наведува во соопштението на Потанин на телеграмскиот профил на Норилск Никел од четврток.
Кој е Потанин?
Потанин е најголемиот руски милијардер вреден околу 25 милијарди долари според Блумберг, и покрај тоа што изгуби четвртина од своето богатство оваа година поради падот на акциите на Норилск Никел.
Норилск Никел е најголемиот светски производител на висококвалитетен паладиум и никел, како и главен производител на платина и бакар. Компанијата и нејзините примарни производи ги избегнаа санкциите наметнати врз руската економија од западните земји.
Десетици американски, европски и јапонски компании објавија заеднички вложувања, фабрики, продавници, канцеларии и други средства во изминатите две недели како одговор на руската инвазија на Украина и санкциите. Ним во четвртокот им се придружија Голдман Сакс и Џеј Пи Морган, првите големи западни банки кои објавија целосно напуштање на Русија.
Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот изјави дека го поддржува планот за „надворешно управување“ со странските компании што ја напуштаат Русија.
– Мора да се однесуваме одлучно кон оние кои имаат намера да го затворат своето производство. Неопходно е да се воведе надворешен менаџмент, а потоа да се префрлат оние компании кои сакаат да работат – рече Путин во видеото што го објави Кремљ, пренесоа државните медиуми.
Голем број брендови ја напуштаат Русија
Руската организација за правата на потрошувачите состави листа на компании кои решиле да ја напуштат земјата и би можеле да бидат национализирани, се наведува во извештајот на рускиот дневен весник „Известија“. Документот, кој наводно бил испратен до руската влада и до главниот обвинител, вклучува 59 компании, меѓу кои Volkswagen, Apple, IKEA, Microsoft, IBM, Shell, McDonald’s, Porsche, Toyota, H&M, а во извештајот се посочува дека листата може да се надополни со повеќе брендови.
Потанин рече дека не разговарал многу за национализацијата на западниот имот, но додаде дека Кремљ може да им се дозволи на сопствениците да го задржат имотот, а компанијата да избегне колапс.
– Разбирам дека поради економските ограничувања против Русија, може да има разбирлива желба да се дејствува симетрично. Не, на примерот на западните земји, гледаме дека нивните економии страдаат поради воведувањето санкции кон Русија. Мора да бидеме помудри и да избегнеме сценарио во кое реципрочните санкции се одразуваат на нас самите – смета Потанин.
Тој, исто така, ја повика Русија да ги олесни ограничувањата на странските валути за да можат да плаќаат камати за странски обврзници и заеми. Во спротивно, постои ризик од доспевање на целиот руски надворешен долг, кој се проценува на околу 480 милијарди долари.