Западните разузнавачи веруваат дека личноста на Владимир Путин драматично се променила во последните пет години и дека 69-годишниот руски претседател покажува растечка и очигледна параноја за неговото здравје, пишува Блиц.рс.

Иако промената на карактерот е забележлива, според разузнавачките извори, не е познато што би можело да биде причината, а можните објаснувања се движат од рак, Паркинсонова болест и почеток на деменција до употреба на стероиди за лекување на друга состојба, објави Гардијан.

– Голем знак дека Путин е загрижен за своето здравје е тоа што очигледно е загрижен за корона вирусот, рече разузнавачки извор, посочувајќи на инсистирањето на Путин да се држи настрана од странските лидери како францускиот претседател Емануел Макрон, па дури и од сопствениот министер, Сергеј Шојгу.

Тој се сретна само со кинескиот лидер Си Џинпинг минатиот месец, откако беа преземени детални мерки на претпазливост од двете страни против коронавирусот.

– Покривањето на Русија е доста добро и од перспектива на луѓето и од перспектива на разузнавачките служби. Но, постои сива точка кога станува збор за личното здравје на Путин. Она што го знаеме е дека има видлива промена во неговото одлучување во последните пет години, изјави западен извор.

Шпекулациите за долгорочното здравје на Путин се широко распространети меѓу руските експерти во западните разузнавачки агенции. Гардијан наведува дека слични тврдења објави Дејли мејл за време на викендот, но дека нема докази за поддршка на ниту една од теориите кои кружат.

А „Дејли мејл“, повикувајќи се на разузнавачки извори објави дека Путин боледува од мозочно пореметување предизвикано од деменција, Паркинсонова болест или „изливи на гнев“ како резултат на лекување на карцином со стероиди. Повикувајќи се на извори блиски до Кремљ, високи функционери на Алијансата „Пет очи“, која ја сочинуваат Канада, Австралија, Нов Зеланд, САД и Велика Британија, веруваат дека има психолошко објаснување за одлуката на рускиот претседател да ја нападне Украина.

Разузнавачката заедница споделува сè поголем број извештаи за сè попроменливото однесување на Путин, во комбинација со надуениот изглед на неодамнешните снимки – и апсурдната дистанца што тој инсистира да ја држи подалеку од посетителите на Кремљ, објави Дејли мејл.

Се наведува дека Путин ги ставил во домашен притвор шефот на ФСБ Сергеј Беседа и неговиот заменик Анатолиј Бољук, откако ги обвини за неуспеси во разузнавањето поради кои неговата војска претрпе порази во Украина. Разузнавачките податоци, кои Дејли Меил наведува дека им биле предадени на високи британски политичари, укажуваат на тоа дека Путин претрпел „психолошко влошување предизвикано од физиолошки фактори“.

Тие теоретизираат дека Путин или боледува од болест на мозокот, како што е Паркинсонова болест или форма на деменција, или дека има рак и дека медицинскиот третман што го добива му ја променил рамнотежата на умот. Најновата теорија, која британското разузнавање ја смета за веродостојна, е дека менталното влошување е последица на „изливите на гнев“ предизвикани од продолжената употреба на стероиди.

Изворите велат дека одлуката на Путин физички да се изолира од посетителите е знак на страв од „коморбидитети“ – други сериозни здравствени состојби кои би можеле да го зголемат ризикот од смрт – или употреба на лекови кои го потиснуваат имунолошкиот систем, оставајќи го отворен за инфекции.

Гардијан посочува дека се верува дека Путин примил три вакцини против ковид. Западен извор тврди дека добил „Фајзер“, иако Путин во јуни минатата година изјави дека примил „Спутник“.