Руските сили можеби ќе можат да ја одржат целосната борбена способност само уште 10 до 14 дена, тврдат високи разузнавачки извори од Велика Британија за “Daily Mail”, по што луѓето на Путин ќе се борат да ја одржат земјата која ја заземале.

Британски одбранбени извори велат дека руската војска би можела да биде на само две недели од “кулминацијата” – по што силите на украинскиот отпор би требало да станат поголеми од руските напаѓачки сили. Напредувањето ширум Украина веќе сопрело бидејќи на Москва и недостасуваат луѓе, тврди “Daily Mail”.

Претседателот Володимир Зеленски бил оптимистичен во утринското обраќање до украинскиот народ, велејќи дека неговата војска продолжува да им нанесува разорни загуби на руските трупи.

„Веќе изгубија 80 воени авиони. Стотина тенкови и илјадници други единици. За 19 дена руската војска изгуби повеќе војници во Украина отколку во две крвави и повеќегодишни војни во Чеченија“, додал тој.

Но, како руската инвазија попушта, нејзините методи стануваат се побрутални – градовите се повеќе доаѓаат под неселективен ракетен оган.

Киев, главниот град, претрпел уште една рунда бомбардирање денеска наутро, по што станбени блокови гореле во раните утрински напади, иако нема непосредни податоци за жртви.

Украинската војска соопштила дека нејзините сили собориле четири руски хеликоптери, млазен авион и крстаречка ракета.

Шефот на руската Национална гарда Виктор Золотов – некогаш задолжен за личната безбедност на Путин – вчера признал дека не оди се брзо како што тие сакале. Но, тој и натаму инсистирал дека Русија ќе дојде до победата чекор по чекор.

Кремљ исто така рекол дека би можел да се одлучи да преземе контрола над големите градови во Украина, и покрај претходните тврдења дека целта на неговата специјална воена операција е да ја ослободи земјата.

Се појавиле снимки од руските трупи кои изведуваат уште поразорни удари на пристанишниот град Харков, со експлозии кои го осветлуваат ноќното небо.

Обиколувањето на Киев и другите значајни населени центри како што се Харков и Чернихив ќе ја подобри преговарачката позиција на Русија и ќе обезбеди сценарио кое Путин ќе може да го претстави како победа.

Портпаролот на Кремљ Дмитри Песков рекол: „Министерството за одбрана, истовремено обезбедувајќи максимална безбедност за населението, ,не ја исклучува можноста за ставање под своја контрола на големите популациски центри“.

„Тоа неминовно би можело да доведе до голем број на жртви меѓу цивилите. Службениците на САД и ЕУ ја туркаат Русија да ги нападне големите градови со цел одговорноста за смртта на цивилите да се стави на нашата земја“, додал Песков.

Вчера биле продолжени нападите на престолнината, а руските ракети донеле уште повеќе невини човечки животи.

Едно лице исто така загинало, а шест биле повредени откако остаток од пресретната ракета погодил улица во Киев. Уништен бил автобус и станбена зграда.

Жителите биле спасени од урнатините од запален станбен блок во округот Оболон во Киев, по руското ракетирање во кое во раните утрински часови загинале најмалку две лица.

„Велат дека има тешки изгореници, дека нема да го препознаам“,велела плачејќи Лидија Тиховска (83), брзајќи кон местото каде што и кажале дека лежат посмртните останки на нејзиниот син Виталиј.

„И ја посакувам на Русија истата тага која што ја чувствувам“, рекла таа додека солзите и течеле по образите.

Додека борбите и артилерискиот оган беснееле во предградието, погодена била и фабриката за авиони Антонов која е оддалечена на 9 километри од Киев, што предизвикало голем пожар.

Украинските власти соопштиле дека уште две лица загинале, а седум биле повредени откако руските сили ја нападнале фабриката.

Американски воени извори вчера вечерта рекле дека Киев и другите градови се под се посилни воздушни удари, но дека и покрај тоа издржале.

Портпаролот на Пентагон додал: „Тие продолжуваат со бомбардирање и ги засилуваат, без сомнеж“. Британски одбранбени извори очекуваат дека Украинците ќе ги гаѓаат руските ракетни станици земја-воздух, локации за електронско војување и командните контролни мрежи.

Овие воени средства се наоѓаат на периферијата на Киев и другите градови и би можеле да бидат гаѓани со помош на дроновите кои ги испорачала Турција.