Падот на Мариупол може да биде неизбежен – тврди американска тинк-тенк организација, пренесува Би-Би-Си. Има неколку интересни точки во најновата дневна проценка од американскиот тинк-тенк Институт за проучување на војна (ISW).

Се вели дека јужниот пристанишен град Мариупол најверојатно ќе падне во наредните недели поради постојаниот руски напад.

Анализата на ISW открива дека руските сили не постигнале голем територијален напредок во четвртокот, во согласност со проценките на американските и британските разузнавачки служби.

Но, ISW заклучува дека „тоталното уништување“ на Мариупол и зголеменото таргетирање на неговите станбени области може да доведе до негова капитулација или евентуално заземање.

Институтот, исто така, вели дека украинските сили во четвртокот се чини дека им нанеле голема штета на руските сили околу Киев и ги одбиле руските операции во регионот Харков.

Исто така, се забележува дека украинската воздушна одбрана продолжува да биде ефикасна, откако само во средата собори 10 руски авиони.

Низок морал кај сириските регрути

Според украинските разузнавачи, Русија можеби ја потрошила речиси целата своја залиха на прецизни крстосувачки ракети во првите 20 дена од нејзината инвазија.

– Во меѓувреме, се забележува низок морал кај сириските регрути, вклучително и неколку случаи на самоосакатување за да се избегнат борби, се наведува во анализата на Институт за проучување на војната.

Според украинските разузнавачи, многу платеници гледаат на распоредувањето во регионот како на шанса да дезертираат и мигрираат во ЕУ.