Михаил Фридман, милијардер од Русија со нето богатство од 7,5 милијарди фунти, што е повеќе од 8,9 милијарди евра, се пожали дека не знае како ќе живее откако санкциите му го „намалиле“ месечниот приход на 2.500 фунти (2.981 евро).

Да потсетиме, по руската инвазија на Украина, европските земји воведоа санкции за руските олигарси. Фридман, кој по потекло е Украинец, сега мора да живее со 30.000 фунти годишно или 35.781 евро, а за да ги потроши парите потребна му е и дозвола од британската влада.

Иако неговата месечна сума е сосема доволна за пристоен живот на просечен човек, тој рече дека тоа му е невозможно, нарекувајќи ги санкциите неосновани и нефер.

– Не знам како ќе живеам. Не знам, навистина не знам, изјави Михаил за Блумберг, за веднаш потоа многу брзо да стане мета на потсмев на социјалните мрежи.

На денот кога ги доби санкциите, Михаил поднесе оставка од раководството на Алфа-банка и иако не се согласува со нив, призна дека неговите проблеми не се ништо во споредба со оние во родната Украина.

Фридман претходно изјави дека верува оти санкциите нема да придонесат за запирање на војната во Украина.