Самохрана мајка и нејзината шестгодишна ќерка во саботата беа пронајдени мртви во нивниот стан во Бронкс во САД. Како што подоцна се дозна, тие биле избодени до смрт, пишуваат американските медиуми.

Според извештаите на њујоршката полиција, Калеб Дубери (34) ги убил Габриела Мјунис (26) и нејзината ќерка Розари Естевес, нанесувајќи им на двете рани со остар предмет неколку пати.

Според зборовите на мајката на убиената Габриела, Јаник Роша, Дубери и Мјунис се забавувале. Малата Розари не била ќерка на Дубери, изјавила таа, пишува магазинот „Пипл“.

– Мојата ќерка беше неверојатна личност. Беше самохрана мајка, немаше помош од таткото на девојчето. Беше трудољубива и инспирација за сите – изјави Роша.

Таа додава дека Габриела во септември требало да дипломира на Фармацевтскиот факултет. Таа вели дека нејзината внука била паметна и мила девојка која ја обожавала својата мајка.

Телата на мајката и ќерката биле пронајдени во саботата, соопшти њујоршката полиција. Телото на девојчето било пронајдено во нејзиниот кревет.

– Од местото на настанот се одземени три ножа – велат полициски извори.

Во неделата, истражителите го следеле Дубери до станбена зграда на 1,6 километри од убиствата, изјавија полициски извори. Забарикадиран во станот, Дубери очигледно извршил самоубиство додека полицијата се приближувала.

Роша вели дека верува оти Дубери ја убил нејзината ќерка затоа што ја раскинала нивната врска.

– Не ми се допаѓаше и тоа и го кажав на Габриела. Никогаш нема да знам што точно се случило, бидејќи се самоубил како кукавица. Ова најверојатно се случило затоа што му рекла дека е готово, вели Роша.

Изворите велат дека Дубери имал големо криминално досие. Тој бил на условен отпуст и претходно бил апсен за поседување оружје, грабеж и напад.