Украинскиот парламент усвои нацрт-закон со кој се забранува прикажување на буквите V и Z во земјата, а Русија ќе биде означена како терористичка земја, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на владејачката партија во Украина.

Украина забрани истакнување на буквите „Z“ и „V“, ја прогласи Русија за терористичка држава
Украинскиот парламент усвои нацрт-закон со кој се забранува прикажување на буквите V и Z во земјата, а Русија ќе биде означена како терористичка земја, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на владејачката партија во Украина.

Како што јави РИА Новости, во соопштението се објаснува дека буквите Z и V го претставуваат симболот на руската воена инвазија на Украина.

„Пратениците усвоија предлог-закон со кој се обезбедува заштита на Украина во информативниот простор. Јавната употреба на руските симболи е забранета и Русија е означена како терористичка држава“, се вели во соопштението.

Да потсетиме, Украина пред неколку дена ги повика земјите да ја криминализираат употребата на симболот „Z“, што покажува поддршка за руската инвазија.

Првично користена за означување на руските тенкови кои влегуваат во Украина, буквата Z, чиешто точно значење сè уште не е познато, беше усвоена како знак на поддршка за рускиот напад врз Украина.

Три германски покраини – Берлин, Баварија и Долна Саксонија – веќе рекоа дека секој што ќе го истакне симболот може да се соочи со три години затвор, а германското Министерство за надворешни работи рече дека оние што го прикажуваат симболот на инвазијата може да бидат кривично гонети.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ги повика другите земји да ја следат Германија.

„Z“ значи руски воени злосторства, бомбардирани градови, илјадници убиени Украинци“, напиша Кулеба на Твитер. „Јавната поддршка за ова варварство мора да се забрани“, додаде тој.