Несиха Османчевиќ, жената која го одбележа отпорот на сараевчанки во најлошите години за босанскиот главен град, почина денеска на 48-годишна возраст, јавуваат босанските медиуми. Заедно со Мелиха Варешановиќ беше симбол на сараевчанките за време на опсадата.
– Симбол за тоа како нашите жени, под дождот од гранати и снајперски оган, успеаја да изгледаат одлично и гордо, пишува босански „Аваз“.
Фотографијата е направена на улицата каде што беше убиен Нермин Дивовиќ, а која во пресудите во Хаг беше наречена „Снајперска уличка“.
Несиха на фотографијата беше цела средена и горда, трчајќи по улица во здолниште и штикли, а токму во тој момент фотографот успеа да направи фотографија која живее и денес.
Целата приказна се вклопува во една песна, „Мис Сараево“.
Инаку, опсадата на главниот град на Босна и Херцеговина претставува најдолго опседнатиот главен град во историјата на современата војна. Откако на почетокот бил под опсада од страна на силите на Југословенската народна армија, Сараево бил под опсада на Армијата на Република Српска од 5-ти април 1992 до 29-ти февруари 1996 (речиси 4 години) за време на Босанската војна.
Во војната имаше вкупно над 8.000 воени жртви од двете страни, од кои поголемиот дел беа од босанска страна, а загинаа и над 5.000 цивили.