Штрајкот продолжува, соопшти Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК). И покрај апелите на министрите за образование и за социјала штрајкот на наставницте и на вработените во предучилишните установи ќе продолжи и неделава. Понудата на Владатат е зголемување на платите за 10 %, по ребалансот на Буџетот кој би бил во мај или јуни. Од синдикатот велат дека понудата е дадена усно, а не писмено и дека членството останува на тоа дека штрајкот треба да продолжи се до прифаќање на нивните барања за зголемување на платите од 18,4 отсто.
Претседателаството на СОНК не ја прифати понудата за зголемување на платите на наставниците за 10 отсто со гласање во Собранието во мај или јуни.
Тоа значи дека од утре нема враќање во училипните клупи, а градинките ќе згрижуваат само деца чии родители нема каде да ги остават. Ова е денешната одлука која ќе биде и соопштена на прес-конференцијата на синдикатот.
– Понудата не е прифатена бидејќи, како прво, е усна. Нема писмена форма. Како второ, 95 отсто од членството се изјасни дека не сака таква понуда. Жалиме што и понатаму училиштата ќе бидат отворени само за влез, но не и за настава, изјави Лена Спасеновска Поповска, регионален претседател на СОНК.
Засега и натаму останува барањето за линеарно зголемување на платите за 18,4 отсто, а за тоа дали може да се намали прагот ќе одлучува членството.
– Порачувам да се трпение, да им укажам на родителите дека ние наставниците немаме часови на кои ги учиме децата за навреди. Сега читаме такви изрази од родителите упатени кон нас, а ние од нив бараме помош, поддршка и разбирање, рече Спасеновска Поповска.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири, со објава на Фејсбук ги повика наставниците во основните и средните училишта да го продолжат образовниот процес бидејќи тоа е од најдобар интерес на децата.
„Децата треба да ни е на прво место, затоа што правото на образование на секое дете е уставно загарантирано право. Губењето на настава во услови како оваа пандемија, кога владата и Министерството за образование и наука направи максимални напори да го нормализира образовниот процес, не оди во прилог никому, најмалку на учениците”, напиша Шаќири.
Во објавата, Шаќири потенцира дека учениците треба да се вратат во училиштата, таму каде што припаѓаат. Редовната наставата е потребна најмногу како поддршка за ученици во еден многу важен дел од нивниот живот.
„Потребни сте им сега во овој период кога се подготвуваат за продолжување на образованието во средните училишта, за полагање на стручни испити и за државната матура, од што зависи нивната понатамошната образовна иднина и запишување на факултетите во земјава и во странство. Со нарушен образовен процес, сето ова не може да се реализира во предвидените рокови и е на штета на сегашните деветооделенци и матуранти, но и на сите останати ученици“, објави Шаќири.