Статистиката контра пандемиските предвидувања. Иако се очекуваше затворањето во домовите поради коронавирусот да доведе до зголемени брачни конфликти, бројот на разводите во минатата 2020-та бележи намалување од 21,2 отсто во споредба со претходната 2019 година.
Најмногу се разведувале оние кои се во брак од пет до девет години, што се покажал како најкритичен период за сопружниците. Според возраста, најголем број разводи се случиле во старосната група од 35 до 39 години.
Според податоците на Државниот завод за статистика, најмногу постапки за разводи се регистрирани во Скопје, Тетово и во Куманово.
Од друга страна, забраната за свадби, масовни собири и слични веселби го донесе очекуваното. Мал беше бројот на оние кои се решија да ја крунисаат својата љубов, иако за склучување брак во време на пандемијата беа воведени посебни протоколи.
Според официјалните податоци, бројот на склучените бракови во 2020-та, во споредба со претходната година е намален за 25,6 отсто, односно 10 илјади 278 парови се решиле на овој чекор.
Најмногу бракови се склучени во август, а најмалку во април. Статистика наведува дека просечната возраст на брачните партнери при склучувањето прв брак е 27 години за жената и 29,7 години за младоженецот.