Почина охридската занаетчиска легенда, опинчарот Милан Белев (1926-2022), човекот во чијшто дуќан се говореше и холандски, човекот чиаја работилница беше несомнeно една од знаменитостите на Охрид.
Милан Белев (1926-2022), занаетчија-ОПИНЧАР, роден во Охрид, на 13 години заминува во Зајечар, соседна Србија да го изучува кожарскиот занает, се враќа дома после 4 години и заедно со неговиот брат Ѓорѓи Белев. Заедно двајцата отвараат занаетчиски – опинчарски дуќан во старата охридска чаршија.
Низ годините изработувал опинци и други производи од кожа за населението и за странските туристи. Холандските туристи во тоа време покажуваат голем интерес за неговите производи, поточно за македонските традиционални ОПИНЦИ.
„Овој натписов „Зборуваме холандски“ е од 1967, го донесе и го постави еден од туристите: Ево. Сега зборвите холандски, велит. – А бе не знајме толку чудо. – Па ќе научите! – И така „моравме“ да научиме!“ – велеше чичко Милан.
Од нив го учи и Холандскиот јазик којшто доста солидно го зборува. Стекнува низ годините многу пријателства со холандските туристи. Неговиот дуќан подоцна наликува како еден мал автентичен музеј. Неговиот занает го предава на внукот Крсте Белев и правнуката на Милан, Елена Белева.
Погребот на Милан Белев ќе биде денес на градските гробишта во Охрид.