Директорот на ЦУК и претседател на „Достоинство“, Стојанче Ангелов, кој вечерва гостуваше во емисијата на Канал 5 „Само вистина“ оценува дека самото отворање на културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола бил со намера да биде запален, и како што рече, ако тоа не го сторел Ламбе Алабакоски, некој друг ќе направел таков инцидент.
-Овој клуб беше отворен со оваа намера, за да биде запален и искршен. Намерата од бугарските власти беше за да се запали. Изборот на контроверзна личност од старт е провокација. Ламбе како млад човек од негови познати причини го запалил. Името „Ванчо Михаилов“ е дел од нашата историја и еден од претседателите на ВМРО. Тој е претходник на Љубчо Георгиевски, ако ги броиме конгресите на ВМРО-ДПМНЕ. Колку и да е контроверзен, тој е дел од нашата историја. Штетата ќе беше поголема доколку не се дозволеше отворање на клубот под вакво име. Сега вината е индивидуална. Не би требало Алабаковски да постапи така. Го оправдувам неговиот револт, но не и начинот на кој реагирал. Ние сме држава и имаме механизми како да ги решиме овие крупни прашања, додаде Ангелов.