Двајца загинати и седум повредени е билансот од тешката сообраќајна несреќа која синоќа околу 23 часот се случи на крстосница од бул.„Србија“ и бул.„Борис Трајковски“, дознава Курир.
Од МВР за Курир велат дека во несреќата учествувале пет автомобили сите со скопски регистерски ознаки.
Возилата кои учествувале во несреќата се „фолксваген пасат“ управуван од Р.А.(50) од Студеничани, „мерцедес“ управуван од Х.С.(28) од Скопје, „фолксваген шаран“ управуван од З.И.(30) од с.Студеничани, „хјундаи аксент“ управуван од О.А.(25) од с.Батинци, скопско и патничко возило „фиат пунто“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Е.Б.(39) од Скопје.
-Во незгодата, на местото починале возачите Р.А. и Х.С.. Со тешки телесни повреди се здобил малолетник во возилото „фолксваген пасат“, а со телесни повреди се здобиле сопатниците во истото возило Ф.А.(49), Н.А.(23) и две малолетни лица, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Со телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ се здобиле и возачите О.А. и Е.Б.., велат за Курир од МВР.
По укажаната лекарска помош, О.А. бил лишен од слобода и задржан во полициска станица. Увид на место извршила екипа на СВР Скопје.