Детето на 13-месечна возраст на Инфективното одделение е примено на 27 март, по конзелијарен преглед на одделението за Педијатрија, каде што престојувало еден ден. Имало покачена температура, појава на осип, изолирано во посебна соба, имало знаци и за друго вирусно заболување.
Тринаесетмесечното дете од Свети Николе, кое е заразено со вирусот морбили, е во добра здравствена состојба и по поминати пет дена на Инфективното одделение, минатиот петок е пуштено на домашно лекување, со препораки за изолација на целото семејство, изјави за МИА раководител на Инфективното одделение при Клиничка болница – Штип, Дијана Шишкова – Гајдарџиска.
– Детето на 13-месечна возраст на Инфективното одделение е примено на 27 март, по конзелијарен преглед на одделението за Педијатрија, каде што престојувало еден ден. Имало покачена температура, појава на осип, изолирано во посебна соба, имало знаци и за друго вирусно заболување. Меѓутоа со проширувањето на осипот, со поставеното сомневање дека се работи, дека е можно некое друго исипно заболување, кое е контигиезно и потреба од инфектолошки преглед и изолација на Инфективното одделение, повикан е инфектолог и после прегледот е префрлено на нашето одделение – појасни Шишкова-Гајдарџиска.
Таа посочи дека детето на одделението е префлено со температура, лекувано е со симптоматска терапија и направени се соодветни испитувања во Штип и во Скопје, кои го потврдиле вирусот на морбили.
– Цело време беше со еден добар клинички тек, со пад на температура, со подбрување на општата состојба и после пет дена на одделението го пуштивме дома со даден совет за терапија, изолација и да се јават на контрола оваа недела – додаде Шишкова – Гајдарџиска.
Таа нагласи дека нема опасност за ширење на заразата меѓу здравствениот персонал на Инфективното одделение, бидејќи сите се вакцинирани, а задолжително се носат заштитните маски. Засега не се знае од каде детето се заразило со морбили, но, како што МИА вчера информираше, на ова веќе работат епидемиолозите.