Андреј Китанов, Златко Стоиловски и Влатко Илиев се момчињата кои вчера вечерта во Италија во сообраќајна незгода ги загубија животите, објави „ММС.мк“. Андреј и Златко се од Македонска Каменица, додека Влатко е од виничкото село Пекљани.
„ММС.мк“ стапиле во контакт со дел од иселениците во овој дел на Италија, кои се шокирани од трагедијата во која загинале нивни блиски пријатели и роднини.
Според нивните информации, Влатко е татко на две малолетни дечиња и во Италија доаѓал на привремена работа. Тој пред две недели заминал да работи сезонски.
-Така правеше, повремено, сезонски доаѓаше. Беше добро дете, израснал како сирак, заедно со неговите две сестри. Потоа се оженил и неговото семејство живее во Македонија, а тој доага само за работа и се враќа, рекле за „ММС.мк“ негови познати.
Братучед на Андреј, пак, рекол дека ним од полиција им се јавиле уште ноќеска и дека заедно со вујковците на Андреј, кои исто така живеат во Италија, биле на местото на несреќата.
„Андреј ми е братучед, ама како брат да ми е, во Италија сме заедно. Тој е единствено дете на родителите. Се видовме пред една недела, бидејќи не живееме во ист град, јас сум во Алба, а тој во Асти. Но, често се гледавме. Андреј има и тројца вујковци тука. Не знам дали тетин ми и тетка ми ќе ја преживеат оваа загуба. Страдаа без него што дојде во Италија и ги остави сами, ама тој сакаше да работи во Италија. Златно дете беше, на сите помагаше и беше многу вреден. Како ангел. Сам дојде, сам се снајде, сам створи се и автомобил и мотор купи и куќата на мајка му и татко му ја среди. Ние веќе во семејството имавме една трагедија, загина мојот брат во сообраќајка во Македонска Каменица, а сега и Андреј. Многу трагедии не задесија во семејството“ – рече братучед му Стоичко Стоиловски.
„Овде секогаш на празници се случува трагедија, тоа е страшно нешто. Златко што го возел автомобилот има брат, заедно се во Италија и е прекрасно момче. Воопшто не пие алкохол и алкохолот не е причина за сообраќајката. Само има лоша кривина. Немало никакво кочење ниту од колата кај што биле нашите, ниту, пак, од комбето што го возело другото момче, кое е по потекло од Мароко. После долг прав пат доаѓа кривина од 90 степени. Кај што беше сообраќајката, јас работев на таа кривина, тука многу сообраќајки се случуваат. Андреј, Златко и Влатко тргнале да излегуваат, и воопшто не биле под дејство алкохол, како што некаде прочитав. За Влатко не знам, но Андреј и Златко не се женети, над 10 години се во Италија, работеа на одржување на патишта“ – вели братучедот.
Сосед на Андреј и Златко во Саса рекол дека Златко заминал со брат му заедно за Италија и дека е многу пристојно момче. И тој рече дека Златко, кој го возел автомобилот, воопшто не пие алкохол. Соседот на двете момчиња ни рече и дека утрово пред куќата на Андреј веќе пристигнала Брза помош.
„Брат ми за среќа е во Македонска Каменица, па утрово отиде со медицинска екипа да им кажат на тетка ми и тетин ми, на родителите на Андреја за трагедијата. Не знам како ќе го преживеат тоа“ рече братучедот на Андреј и објасни дека утре вечер во црквата „Св. Архангел Михаил“ во Ниеве ќе се направи молитва за сите тројца.
Отецот од црквата рекол тие ќе ги покријат трошоците за телата на загинатите да бидат пренесени во Македонија.