Македонските граѓани од утре ќе може слободно да патуваат во Германија, објави Дојче Веле.
Земјава е избришана од германската листа на ризични земји поради Ковид-19. За македонските граѓани кои ќе патуваат во Германија, повеќе нема да важат строгите ограничувања поради коронавирусот. Од германската „црвена листа“ од утре ќе бидат тргнати и други земји од Западен Балкан.
Со ова олабавување на мерките за македонските граѓани кои патуваат со автомобил нема да важат обврските за дигитална пријава на патувањето, за негативен ПЦР-тест, како и за карантин. За тие кои што ќе пристигнат во Германија со авион и натаму ќе мора да имаат потврда за негативен ПЦР-тест или потврда за прележан Ковид-19 или потврда за целосна вакцинација пред поаѓањето, се наведува во извештајот на Институтот Роберт Кох.
Бројот на активни болни од ковид-19 во земјава секојдневно паѓа, а според последната статистика од Институтот за јавно здравје, изнесува 425.
Германскиот институт, исто така отстрани повеќе земји како: Австрија, САД, Канада, Ерменија, Азербејџан, Канада, Либан, Молдавија, Украина и Кипар. Велика Британија сѐ уште е на листата.