Телата на исчезнатите Најли Тапија (22), Јулијана Масијас (21) и Дениса Рејна (19) се пронајдени минатата недела покрај реката Есмералдас во близина на градот Кининде во северозападниот дел на Еквадор, пишува Дејли Меил.
Според информациите од местото на настанот, девојчињата биле мачени, им биле исечени грлата, а биле пронајдени во плиток импровизиран гроб. Телата биле пронајдени откако локални рибари забележале кучиња како се задржуваат на брегот на реката и душкаат. Рибарите за се’ ги информирале локалните власти откако почувствувале крајно непријатна миризба.
Полицијата го истражува случајот, а семејствата на девојчињата бараат смртта на Тапија, Масијас и Рејна да не биде поврзана со трговија со дрога.
Локалните медиуми објавија дека девојките биле врзани и дека устата им била покриена со завои.
– Тие беа млади, облечени за на плажа, во костими за капење, лесна облека, шорцеви, изјави Диего Веластеги, полицаец од градот Кининдео.
Девојките потекнуваат од градот Санто Доминго де лос Цачилас, кој е на околу 80 километри од местото каде што се пронајдени. Последен пат биле видени на 4 април, кога отишле на плажа.
Откако не се вратиле дома и не одговарале на повиците, нивните семејства пријавиле дека се исчезнати. Семејствата велат дека не ги познаваат луѓето што требало да ги сретнат на плажата.