Случајот за смртта на 8-годишното дете од скопска Пинтија кое до смрт беше искасано од куче најверојатно ќе биде затворен како несреќен случај. Ваков заклучок може да се донесе од домашните закони кои ја регулираат оваа материја, објави телевизија АЛФА.
Се уште останува нејасно како дошло до нападот бидејќи во тој момент немало никој во куќата. Детето било пронајдено од сопственикот на објектот но веќе било предоцна. Во Старата општа болница била констатирана смрт.
Кривична одговорност за сопственикот на кучето, постојните закони не предвидуваат, децидни се правниците.
– Такви прекршочни одреби постојат во законот за заштита и благосостојба на животните. Постојат и глоби за неистакнување на „пази куче“знак, не држење на кучиња во посебен дел т.н. бокс. Од информициите се гледа дека сето тоа е испочитувано. Но и да не биде, нема кривична одговорност за сопственикот, вели адвокатот Јанаки Митровски.
Митровски додава дека сопственикот на кучето е граѓански одговорен за надомест на штета, конкретно за душевна болка поради смрт на блиско лице, но сепак тоа нема да биде утеха за семејството.
Во меѓувреме, истражните органи го чекаат обдукцискиот наод, а обвинителот допрва ќе издава наредби да се проверува на кој начин кучињата биле чувани.
„Обдукцијата е завршена, но обдукцискиот наод се уште не е пристигнат во Основното јавно обвинителство Скопје. Надлежниот јавен обвинител издава повеќе наредби со цел да се испита целиот настан. Меѓу нив, ќе биде издадена наредба до Агенцијата за храна и ветеринарство да се провери третманот и одгледувањето на кучињата“ информираат од ОЈО.
Но, и оваа насока на обвинителството, повторно води кон заклучокоте дека случајот ќе биде завеен како несреќа, со оглед на тоа, што од Агенцијата за храна и веринарство веќе соопштија, дека дворот во кој биле чувани двете кучиња од расата бул мастиф, бил соодветно заграден, а на влезот има поставено и предупредувачки знак „пази куче“.
Реагирааа и од Анима Мунди откако медиумите со часови го очекуваа нивниот став по трагедијата во Пинтија. Бараат итно да се регулира делот за категоризација и забрана на разможување за животните.
„Единствено што би сакале да се знае дека како здружение за заштита на животни без дилема и веднаш би поддржале забрана за увоз, продажба, подарување и размножување, како и чување од малолетни лица на секое животно кое има ФИЗИЧКИ предиспозиции да нанесе тешки телесни повреди или да загрози животот на друго битие“ велат од Анима Мунди.
12-годишното куче кое го нападна момчето е заловено од шинтерската служба и ќе се проверува дали има беснило.