Не стивнуваат реакциите во јавноста по прераната смрт на Татјана Петрова Павлова, 47-годишната жена која вчера им подлегна на повредите откако доживеа страшна сообраќајна несреќа во тунелот кај Демир Капија.
Владејачката СДСМ вчера со едноминутно молчење се прости од својата активистка и сопартијка, а сега се огласи и општинскиот огранок на партијата од Неготино.
„Со голема тага се простуваме од нашата другарка Татјана Петрова Павлова! Изгубивме голем, искрен пријател и борец, секретар на ОО СДСМ Неготино. Останува вечно да живее во нашите срца и спомени. Погребот ќе се одржи утре (Недела) во 12 часот на градските гробишта во Неготино. За сите кои сакаат да се простат, посмртните останки ќе бидат изложени од 11 до 12 часот во капелата на градските гробишта. Искрено сочуство до семејството. Вечна Ти слава, Тања! Почивај во мир!“, напишаа од ОО СДСМ Неготино на „Фејсбук“.
Од СВР Велес потврдија дека вчера во 08.40 часот на автопатот А1, кај тунелот Т1 на делницата Гевгелија-Неготино, патничко возило „фолксваген“ со неготински регистарски ознаки, управувано од 47-годишната Т.П.П., изгубило контрола и излетало од патот.