Ѓоко, возрасен жител на Драчево, кој исчезнал во петокот и чие семејство апелираше за помош за негово пронаоѓање на социјалните мрежи, е пронајден и е во добра состојба. Во телефонски разговор за ,,Фокус” негови блиски ја потврдија веста.
-За среќа, пронајден е, добар е. Тој е дементна личност, по два дена од исчезнувањето го најдовме во близина на нива. Се заблагодаруваме на сите за помошта и покажаната грижа – истакнаа од неговата фамилија.
Во изминатите години неколку возрасни жители на Драчево исчезнаа. На 31-ви декември лани исчезна жена на возраст од 68 години. Беше пронајдена почината, по една недела, во близина на манастир. Според МВР, на телото немало траги на насилство.
Се уште се води за исчезната сметководителката Виолета Крстевска Јаневска (60) од Драчево, која лани во март тргнала во оптика да си ги земе наочарите, по што и се изгуби траг.
Нејзината ќерка Ангела во повеќе наврати апелираше за помош. Последен пат ,,Фокус” стапи во контакт со неа минатиот месец, кога таа ни потврди дека се уште нема никакви новости за мајка и.
-И јас би сакала да знам што и се случило, многу време помина, но за жал нема ништо ново во истрагата – изјави таа.
Се уште не е пронајден ниту Ристе Бочварски (47), кој излегол од својот дом во Лисиче на 11-ти јануари, среде бел ден, семеен човек и дипломиран електроинженер, а по кого блиските безуспешно трагаат со месеци.
На 23-ти јануари од Скопје исчезна и пензионираниот архитект Коста Граоркоски (71), интелектуалец без здравствени проблеми, активен со свои колумни во повеќе портали, за кого семејството раскажа дека работел на нова книга и имал многу планови. И за него нема нови информации.
Во ноември лани исчезна и Никола Гоцев (64), откако излегол од дома, Тафталиџе 2, и тргнал во аптека. Неговата сестра Сузана за ,,Фокус” раскажа дека се работи за одговорен човек кој го сакал животот, и апелираше за помош во пронаоѓањето. И за него се уште нема вести.