Речси на сите ни се има случено да најдеме животинче во зеленчукот што го однесеме дома од пазар или од продавница. Обично тоа е некаква гасеница или полжав, но меѓу нас има и такви кои навистина немаат среќа, па дома носат ништо повеќе или помалку туку… змија скриена во брокула.
Како што пишува Daily Mail, Невил Линтон од место во близина на Бирмингем, Англија, купил брокула во самопослуга и ја ставил во фрижидер. Таа била таму, рече тој, цели три дена. Не ја извадил од фолијата во која била завиткана и не видел ништо чудно да и се случи за тоа време.
Но, кога ја извадил да го зготви, забележал нешто црно. На прв поглед заклучил дека се работи за гасеница, но веднаш се посомневал во сопственото расудување, бидејќи суштеството не личело на гасеница. Кога сфатил дека се работи за змија, од која се плаши, побегнал од кујната. На помош дошла неговата сестра Ен-Мари. Ја ставила змијата во кофа и веднаш отишле во продавницата од каде е купена брокулата.
Тамошниот продавач се исплашил од змијата во кофата и им понудил отштета. Понудената сума не била доволна, објаснил Невил, со оглед на тоа дека змијата била закана за него, неговиот син и на болната ташта.
– Покрај сето тоа, се плашам и од змии, па ова искуство беше навистина страшно. Сепак, го одбив понуденото обештетување, бидејќи беше прениско – додаде тој.
Од продавницата велат дека го истражуваат инцидентот, а за тоа време змијата била однесена во локалната ЗОО. Утврдиле дека се работи за неотровна, многу млада змија. Името е Zamenis scalaris, а живее во Португалија, Шпанија, Франција и Италија.